Доколку во првите три месеци од животот децата спијат врз животинска кожа, значајно им се намалува ризикот за заболување од астма во подоцнежниот период, тврдат германски научници.
Експертите истражувале 2.400 деца родени во 1989 година и притоа откриле дека до шестата година оние кои спиеле на животинска кожа имале 79 отсто помалку напади на астма од оние кои не го правеле тоа.
Дури и на 10-годишна возраст ризикот за астма бил 41 процент помал во споредба со оние кои како бебиња спиеле на памучна покривка за постела.
– Веќе долго време е познато дека децата кои растат на фарми поретко заболуваат од астма и алергии, изјави пулмологот Андреас Хелман, додавајќи дека „се претпоставува оти раниот и постојан контакт со одредени бактерии во сеното, сламата и свежото млеко го намалува ризикот од овие болести“.
Според тоа, еден од изворите на тие микроби е и животинската кожа, иако научниците се уште точно не одредиле за кои бактерии станува збор.
Со спиење на животинска кожа градските деца би можеле да стекнат заштита од астма и алергии, која селските деца ја стекнуваат во директен контакт со животните, сметаат германските експерти.