И мажите може да заболат од рак на дојката – годишно се оперираат најмалку по 10-ина пациенти на Kлиниката за тораковаскуларна хирургија, а во 2012 година и починале седуммина во целата земја.
За оваа болест повеќето од мажите како с` уште да мислат дека од неа единствено може да заболат само жените. Дури и оние што ќе ги забележат симптомите – вовлечена брадавица на дојката, која почнала и да тече, не ни помислуваат дека е во прашање ова злокобно заболување, па губат драгоцено време чекајќи раничката сама да помине, предупредуваат лекарите.
– Мажите тешко може самите да ја забележат промената кога болеста е во почетен стадиум зашто нивната дојка е многу помала и има малку жлезден паренхим зад пупката. Доколку забележат каква било промена на дојката, особено ако е зад брадавицата, задолжително да се јават на лекар за да се направат неопходните испитувања и да се постави точна дијагноза. Не секогаш дијагнозата мора да биде карцином при вакви симптоми, туку може да е гинекомастија. Тоа е хипертрофија на жлездното ткиво кај машка дојка, а овие промени обично се резултат на вишок естрогени, женски хормони, кои поради оштетена функција на црниот дроб недоволно се метаболизираат – додава д-р Спировски.
И за мажите советот е да внимаваат и при туширање да обрнат внимание и на дојките, па доколку забележат некаква промена, веднаш да се јават на лекар – вели д-р Милан Ристевски, директор на клиниката.
Најмладиот пациент со рак на дојка, кој бил опериран во оваа установа, имал само 35 години.
Dnevnik