Тим Лекари од Москва и од Казањ осмислија тестови кои ја детектираат Паркинсоновата болест неколку години пред појавувањето на нејзините симптоми, што може да го реши еден од најголемите проблеми при лекувањето на оваа болест, а тоа е фактот дека речиси во сите случаи таа се открива премногу доцна, кога ефикасниот третман е речиси невозможен.
Паркинсоновата болест обично се појавува кај луѓе постари од 60-70 години. Но, во текот на последниве години симптомите на оваа болест почнаа да се појавуваат и кај луѓе од триесетина и четириесетина години. Во Русија од оваа болест страдаат околу 2% од населението постаро од 60 години.
Главниот проблем со кој се судираат лекарите е дијагностицирањето на болеста во ран стадиум, зашто таа почнува да се развива во организмот на човекот 20-30 години пред појавувањето на симптомите, кои, пак, се појавуваат дури во еден од последните стадиуми. Според тоа, кога пациентот ќе се обрати на лекар, повеќе не е можно да се пронајде лек кој би помогнал да го спречи понатамошниот развој на болеста.
Еден од начините за дијагностицирање што лекарите би можеле да го искористат е позитронската емисиона томографија (ПЕТ). Сепак, вршењето масовни прегледи со помош на ПЕТ-дијагностиката е невозможно, зашто тоа е мошне скап метод. Поради тоа пред научниците во Русија и во странство денес се поставува прашањето како дијагностиката на Паркинсоновата болест во ран стадиум да се направи поевтина.
Генетиката помага во потврдувањето на дијагнозата
Едно од многуте решенија е пронајдено во рамките на Руската академија на науките (РАН), каде пред осум години научници од 25 институти почнаа да ги проучуваат механизмите на развој на невродегенеративните болести, во кои спаѓа и Паркинсоновата болест. Тие осмислија неколку тестови кои овозможуваат дијагностицирање на болеста неколку години пред појавувањето на специфичните симптоми.
Раководителот на научната насока на програмата „Мозокот: фундаментални и практични проблеми“ академик Михаил Угрјумов го регистрираше ДОО „Центар за рана дијагностика на невродегенеративни болести (НДЗ)“, со цел да овозможи истражувањето да продолжи по својот правец. Комерцијалниот производ на центарот го доби називот „DiaPark“. Чиповите од овој систем спроведуваат имунолошки и генетски тестови кои ќе овозможат дијагностицирање на Паркинсоновата болест пет до седум години пред појавувањето на нејзините симптоми.
Лекарите знаат дека првиот симптом на изумирање на невроните во мозокот можат да бидат неочекувани. На пример, кај заболените луѓе ослабува чувството за мирис или се појавуваат проблеми со цревата. Сепак, научниците под раководство на Угрјумов утврдиле дека притоа се менува составот на крвната плазма и дека доаѓа до други важни промени. Воедно, според изјавите на Угрјумов, ниту еден фактор не е апсолутно сигурен, и поради тоа „DiaPark“ ги зема предвид генетската предиспозиција за заболување, промената на концентрацијата на супстанци во крвта, како и нивното отстапување од нормата.
На патот кон масовен скрининг
Овој систем денес „живее“ помеѓу Москва и Казањ. Во Татарстан тимот предводен од Разина Нигматулина, професорка на Казањскиот државен медицински универзитет, работи со пациенти. Во Москва колективот предводен од Михаил Угрјумов се занимава со одредување на маркерите на болеста во примероци од крв и ги анализира електрофизиолошките параметри. Компанијата планира да ги исфрли на пазарот имунолошките и генетските чипови и софтверот за анализа на податоците.
„Дијагностичкиот систем нема да изискува дополнителна опрема. Чиповите и софтверот можат да се користат врз база на технологијата која лекарите веќе ја користат во обичните поликлиники“, објаснува Михаил Угрјумов и додава: „Ова значи дека ќе можеме да започнеме масовен скрининг на населението и откривање на Паркинсоновата болест во ран стадиум“. Според Разина Нигматулина тестирањето со системот „DiaPark“ во државните болници ќе се извршува на сите луѓе постари од 35 години, а во приватните клиники први корисници ќе бидат роднините на пациентите со Паркинсонова болест.
Угрјумов и неговите колеги планираат да извршат претклинички испитувања и да го извршат процесот на сертификација почнувајќи од 2016 година. „DiaPark“ ќе влезе во клинички испитувања во Русија во 2017, а во САД во 2018 година.
Рускиот текст на сајтот на „rbcdaily.ru“.