Енергетските пијалаци кои содржат големо количество кофеин, можат да го променат начинот на кој чука срцето, предупредуваат германските научници.
Тимот од Универзитетот во Бон направил фотографии на срцето на 17 луѓе еден час откако пиеле енергетски пијалак. Тие утврдиле дека контракциите се посилни по пиењето на пијалокот. Научниците на годишниот конгрес на радиолошки друштва во Северна Америка, изјавија дека децата и луѓето со одредени здравствени проблеми треба да избегнат енергетски пијалаци.
“Досега не знаевме точно каков е ефектот од овие енергетски пијалоци врз функционирањето на срцето. Количеството кофеин е до три пати поголемо отколку кај другите кофеински пијалоци како кафето”, изјави истражувачот д-р Јонас Дорнер.
“Има многу несакани ефекти поврзани со внесувањето на големо количество кофеин, вклучувајќи и забрзување на срцевиот ритам, палпитации, зголемување на крвниот притисок и во најтешките случаи несвестица или ненадејна смрт”, додаде истражувачот. Научниците им дале на учесниците пијалок во кој биле содржани 32 милиграми на 100 милилитри кофеин и 400 милиграми на 100 милилитри друга хемиска супстанција, таурин.
“Утврдивме дека консумирањето на енергетски пијалаци има краткорочни последици на контракцијата на срцето. Не знаеме точно какви и дали тоа посилно стегање на срцето влијае на секојдневните активности или на атлетски резултати”, изјави др. Дорнер.
Не е познато и влијанието врз луѓето со срцеви заболувања. Научниците сепак советуваат децата и луѓето со нередовно срцебиење да ги избегнуваат енергетските пијалаци.