Home / Болести и лечење / Болка во градите – еве што може да е

Болка во градите – еве што може да е

Градната болка е еден од најчестите симптоми поради кој пациентите се јавуваат на лекар. Може да се манифестира на кое било место, почнувајќи од вратот и градниот кош до горниот дел на абдоменот, да биде со различен интензитет, карактер и времетраење. Болката може да се манифестира како:

  • Остра болка;
  • Тапа болка;
  • Прободувачка болка;
  • Жаречка болка;
  • Болно чувство на стегање и притисок во градите;
  • Разорувачка болка;
  • Раскинувачка болка.

Кои се најчестите причини за појава на градна болка?

gradi bolka srceПри појава на градна болка примарно се помислува на срцев удар. Но, покрај срцето, извор за појава на градна болка може да биде кое било друго ткиво или орган во градниот кош, вклучувајќи ги белите дробови, хранопроводот, градните мускули, ребрата и нервите. Во зависност од причината, градната болка често е придружена и со други симптоми кои помагаат во поставување на точна дијагноза.

Најчести причини за појава на градна болка се:

Кардиоваскуларен систем

  • Angina pectoris (градна болка предизвикана од исхемија на срцевиот мускул). Станува збор за појава на градна болка предизвикана од недоволно снабдување на срцето со потребното количество на хранливи материи и кислород, најчесто поради атероматозни стеснувања на коронарните артерии (крвните садови кои го исхрануваат срцето). Провокативни фактори може да бидат возбуда, стрес, физички напор (секс, забрзано одење, трчање, качување по скали), излегување на ладно, студен ветер и др. Болката се повлекува при одмор и најчесто оваа состојба не предизвикува иреверзибилно оштетување на срцевото ткиво. Освен во централниот дел од градниот кош, болката може да се шири кон вилицата, вратот, грбот, рамената (почесто левото) или долж левата рака и може да биде пратена со страв, бледило, тахикардија, зголемен крвен притисок (поретко намален), оросување со пот и др.
  • srce33-300x201Миокарден инфаркт (срцев удар). Оваа состојба се јавува поради редукција на крвниот проток низ коронарните крвни садови која предизвикува иреверзибилна промена на срцевото ткиво (изумирање на срцевите клетки). И покрај големата сличност со ангинозната болка, болката при срцев удар е поинтензивна, трае подолго и не се повлекува при одмор.
  • Дисекција на аорта. Станува збор за животозагрозувачка состојба при која ѕидот на аортата (главната артерија од срцето) се раслојува при што крвта се испумпува помеѓу слоевите, а тоа предизвикува раскинување на аортата, кое е проследено со многу јака раскинувачка болка во предната страна на градниот кош.
  • Миокардитис. Воспалението на срцевиот мускул освен со градна болка се манифестира со треска, проблеми со дишењето, замор, малаксаност. Често болката при миокардитис е слична со болката при срцев удар.
  • Перикардитис. Воспалението на перикардот (обвивката околу срцето) е проследено со градна болка која наликува на болката при срцев удар. Станува збор за остра болка која се шири кон горниот дел на вратот и рамото. Болката се потенцира при вдишување, голтање или лежење на грб, а може лажно да исчезне доколку телото е во седечка положба и наведнато нанапред.
  • Хипертрофична кардиомиопатија. При оваа состојба покрај градна болка се јавува недостиг на воздух, малаксаност, вртоглавица и други симптоми.

Бели дробови

  • srce3333Пнеумонија. Инфекцијата на белите дробови се манифестира со треска, покачена температура, продуктивна кашлица (кашлица со искашлок), а често се јавува и градна болка која може да биде со различен квалитет и интензитет.
  • Плеуритис. Воспалението на плеврата (белодробната обвивка) често е пратено со градна болка која се влошува при вдишување, кашлање или кивање.
  • Пулмонален емболизам. Станува збор за состојба при која тромб (згрутчена крв) патува низ циркулацијата и се заглавува во крвните садови на белите дробови. При ова заболување, покрај градна болка, се јавува отежнато дишење и забрзана срцева фреквенција.
  • Пулмонална хипертензија. Високиот крвен притисок во пулмоналните крвни садови може да биде причина за појава на градна болка.
  • Астма. Ова заболување се карактеризира со инфламација на дишните патишта и се манифестира со недостиг на воздух, wheezing (чујно свирливо дишење), кашлица и во одредени случаи градна болка.
  • Пнеумоторакс. При оваа состојба дел од белодробното ткиво колабира и се ослободува воздух во градниот кош. Во овој случај градна болка се потенцира при вдишување.

Гастроинтестинален систем

  • Гастроезофагеален рефлукс (ГЕР). При оваа состојба, содржината од желудникот се враќа назад кон хранопроводот и предизвикува појава на жаречка болка во пределот на градите или грлото.
  • Пептичен улкус. При оваа состојба најчесто се јавува жаречка болка која е поизразена кога желудникот е празен, а се смирува после јадење.
  • Проблеми со жолчното ќесе. Доколку имате проблем со жолчното ќесе, после оброк богат со масти се јавува градна болка најчесто во десниот долен дел од градниот кош.
  • Панкреатитис. Воспалението на панкреасот предизвикува болка во долниот дел од градниот кош која се влошува во лежечка положба, а се подобрува доколку телото е во седечка положба и горната половина е навалена нанапред.
  • Руптура на езофагус. Ненадејна појава на јака градна болка проследена со повраќање може да се должи на раскин на хранопроводот.
  • Хијатална хернија. При оваа состојба после оброк горниот дел од желудникот преминува во градната празнина. Болката се влошува доколку телото е во лежечка положба.

Скелетомускулен систем

  • Меѓуребрени мускулни грчеви, костохондритис (воспаление на ребрено – ’рскавичните споеви), повреди на ребрата, заболувања на вратниот дискус, артритис на рамото или ‘рбетот исто така може да бидат причина за појава на градна болка.

Градната болка може да биде и резултат на други причини какохерпес зостер инфекција, панични напад, нарушувања на дојките, тумори и др.

Кога треба да побарате стручна помош?

И покрај тоа што градната болка во поголем дел од случаите не е индикатор за некоја животозагрозувачка состојба, сепак во никој случај не треба да ја игнорирате.

Јавете се во Ургентен центар доколку:

  • Покрај градната болка ги имате следните симптоми: гадење, повраќање, тахикардија (зголемена срцева фреквенција), забрзано дишење, оросување со пот, зголемен или намален крвен притисок, брадикардија ( намалена срцева фреквенција);
  • Градната болка се шири кон вилицата, левата рака или грбот;
  • Ненадејно се јави интензивна градна остра болка проследена со недостиг на воздух;
  • Симптомите за angina pectoris се јават при мирување.

Побарајте го вашиот доктор доколку:

  • Градната болка трае повеќе од 3-5 дена;
  • Имате проблем со голтање;
  • Градната болка се влошува;
  • Покрај градната болка се јави покачена температура или кашлица со жолтеникаво-зелен искашлок.

Извор – Фемина.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top