Home / аларм / Читајте ги декларациите на козметиката за да не добиете рак

Читајте ги декларациите на козметиката за да не добиете рак

Што ставаме на лицето и на кожата и кои состојки се во кремите за нега, за повеќето од нас најчесто е непознато. Пептиди, колаген, парафин, парабени, алкохол – листата е долга и малкумина од нас знаат што е што.

На пример, читајќи ги описите на кремовите за лице, добивате впечаток дека козметичката индустрија се претворила во глобална научна лабораторија, која изобилува со нови формули, револуционерни откритија и чудесни нови состојки во борбата за вечна младост. Тие ќе ви ги испеглаат брчките и ќе ви ги продолжат трепките, а телото по купката ќе ви мириса како „црн дијамант и лотосов цвет“.

Но, што се крие зад магичните состојки во кремовите?

kozmetika otrovРазгледувајќи на полиците за козметика, на крем на еден париски гигант може да прочитате: „Ново! Ноќен крем против брчки со Boswelox!“. Не знаете што е  Boswelox? Не сте единствени. Не сте ни единствени ако не знаете што се крие зад т.н. комплекс нутрилеум или ако не ви е јасно зошто во описот на некој крем е нагласено она „детокс“. Во описот на состојките и нивното дејство, веројатно има многу нешта што не ви се баш разбирливи, но затоа звучат многу „научно“.

Човековата кожа е жив орган, кој добро ја впива козметиката, а некои нејзини состојки ги носи дури до крвта и така тие долгорочно дејствуваат на здравјето. Се смета дека 60 отсто од тоа што ставаме на кожата одат директно во нашиот крвоток, а така и до секој наш орган.

Д-р Горица Дачевска од центарот за кожа и естетска медицина „Д-р Горица“ ги објаснува штетните состојки во козметиката и како тие влијаат на нас.

СОСТОЈKИ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ИЗБЕГНУВАТЕ

НАФТЕНИ ДЕРИВАТИ
Многу нафтени производи се канцерогени, а тука спаѓаат: вазелинот и неговите деривати (вазелин, парафинско масло, парафин) и минералната нафта.

– Овие хемиски супстанции често се наоѓаат во козметиката, а ги има во кремовите, восоците за депилација, декоративната козметика, кремовите за сончање како и во кремовите за нега на бебињата. Овие супстанции ја омекнуваат кожата ја прават многу нежна и имаат смирувачко дејство. Но, од друга страна, можат да предизвикаат алергиска реакција, да ги затворат порите и токсично да дејствуваат на кожата, а некои се и канцерогени – објаснува д-р Дачевска.

Toxic Cosmetics

Kако природна алтернатива, која се користи во природната козметика, се растителните базни масла и растителните восоци од органско производство, кои се богати со витамини и минерали. По својата структура се многу слични на себумот на кожата, па затоа таа одлично ги прифаќа и апсорбира.

Во козметичките препарати нафтените деривати најчесто се наоѓаат во следниве облици: mineral oil, vaseline, paraffin, petrolatum, paraffinum liquidium, FD&C или D&C бои.

ТОKСИЧНИТЕ ЕФЕKТИ НА PROPYLENE GLYCOL
Toxic_50mlОва е една од најчесто користените состојки во конвенционалната козметика, затоа што врзува големо количество вода на себе и има голема моќ на продирање во кожата (подобра дури и од глицеринот), а не е толку скапа.

– Оваа хемиска супстанција се користи во декоративната козметика, дезодоранси, антиперспиранти, во производите за коса, беби лосионите, пастите за заби и кремовите за потемнување. Неговата употреба сега е намалена, бидејќи се смета дека има токсични ефекти, а како негова замена се користи полиетилен гликол – објаснува д-р Дачевска.

Природна алтернатива е глицерин од растително потекло, кој кожата ја штити од загуба на влажноста.

Во препаратите, најчесто се среќава во следниве облици:

PEG- polietilen-glikol (на пр. PEG-8, PEG-40 castor oil, PEG-100 Stearate), Polyethylene, Polyoxyethylene, -eth- (npr. oleth-10, ceteth-20, ceteareth-30, sodium laureth sulfate, sodium myreth sulfate), -oxynol- (npr. nonoxynol-1, octoxynol-9…) и polysorbate (на пр. polysorbate-60, polysorbate-80).

FORMALDEHID НЕ СЕ НАВЕДУВА ПОД  ВИСТИНСKО ИМЕ

Познат е како една од најопасните хемиски супстанции.

– Оваа хемикалија е канцерогена и се наоѓа во синтетските производи за нега на коса и на кожа. Се користи како супстанција што има антимикробно дејство, а истовремено користи и како конзерванс. Оваа супстанција на декларациите на козметичките производи никогаш не се посочува како формалдехид. Се појавува под десетина различни псевдоними, меѓу кои „лусоформ“ и „формалитх“ – објаснува д-р Дачевска.

Природна алтернатива, а воедно и природен конзерванс, се сертифицираните органски етерични масла.

Ова се неколку состојки, при кои формалдехидот се ослободува како нуспроизвод:

DMDM Hydantoin, Diazolidinyl Urea, sodium hydroxymethylglycinate, 2-bromo-2-nitropropane-1,3-diol, Quaternium-15.

ПАРАБЕНИТЕ ВЛИЈААТ ВРЗ МАШKИТЕ И ЖЕНСKИТЕ ХОРМОНИ

safe_cosmeticsПарабените се голема група хемиски конзерванси. На етикетите се користат како methylparaben, ethylparaben, propylparaben, isopropylparaben, buthylparaben, isobuthylparaben, па оттаму произлегува и зборот парабен.

– Овој конзерванс се користи во шампоните за коса, кармините, балсамите, хидратантните кремови, лосионите и дезодорансите. Се ставаат речиси во секој производ, во мали количества, за да се спречи развојот на бактерии и се користи многу години. Во козметичкиот производ може да има еден парабен или комбинација од повеќе парабени – објаснува д-р Дачевска.

Оттука се поставува прашањето дали се токсични?

– Со некои истражувања е докажано дека при долго користење на некои од парабените, може да дојде до појава на рак. Propylparaben влијае врз машките хормони, а isobuthylparaben влиjае врз женските хормони. Можеби парабените генерално не се штетни за да се користат во козметиката, но денес на пазарот постои побезбедна алтернативна козметика без парабени или позната како органска козметика. Ова е една од причините за популарноста за побезбедна козметика последниве неколку години. Природниот витамин Е се користи како замена за конзерванс во козметиката, како и екстракт од семки на грозје, кои содржат антиоксиданси, кои можат да бидат замена за вештачките конзерванси. Добра замена може да се и витаминот А и витаминот Ц – вели  д-р Дачевска.

PHENOXYETHANOL – ЈА НАМАЛУВА ПЛОДНОСТА

Ова е ароматичен етералкохол, кој се користи како конзерванс.

how-to-prevent-makeup-melt-down– Иако се смета за безбедна супстанција за употреба во козметичката индустрија, според некои студии, тој ја намалува плодноста и е токсичен за репродуктивниот систем. Предизвикува иритации на кожата и на очите, а го ослабува и имунолошкиот систем – вели д-р Дачевска.

Алтернатива е титаниумдиоксид.

– Оваа состојка многу често се користи во козметиката. Станува збор за неоргански оксид со бисернобела боја, кој се наоѓа во природата. Успешно, физички ги одбива УВА и УВБ сончевите зраци. Оваа состојка дејствува превентивно против рак на кожата и нејзино предвремено стареење. Може да се користи самостојно или во комбинација со други лекови. Титаниумдиоксидот исто така создава ефект на непроѕирност, кога се користи во пудрите во прав и во сенките за очи.

РАK НА KОЖА ОД OCTYL METHOXYCINNAMATE

Ова е хемиски агент, кој ја блокира сончевата светлина. Одредени истражувања ја докажуваат неговата поврзаност со ракот на кожата, предизвикува и иритации на очите, алергиски кожни реакции и рак на дојка.

– Се наоѓа во многу кремови и во лосиони за самопотемнување. Природна алтернатива се минералните пигменти, како што е титаниумдиоксид, кој ги одбива сончевите зраци од површината на кожата – советува д-р Дачевска.

NATRIUM LAURYL SULFATE ЈА СУШИ KОЖАТА

Оваа состојка се користи речиси во сите детергенти, а наоѓа широка примена и во козметиката.

– Го има во шампоните за коса, геловите за туширање, пените за капење, пастите за заби и средствата за чистење на лицето. Длабоко продира во кожата, може да предизвика иритација и го отстранува липидниот слој и ја суши кожата – вели д-р Дачевска.

ПРИВИДНИТЕ ПРВИЧНИ ЕФЕKТИ  НА АЛKОХОЛОТ

kozmetika sminkaАлкохолот е честа состојка што се користи во козметичките препарати за масна кожа. Најчесто се користи етанолот.

– Алкохолот го истенчува површинскиот слој, па и покрај привидното првично подобрување во вид на намалување на маснотијата на кожата, кожата подоцна станува дехидрирана и уште помасна. С` тоа предизвикува предвремено стареење на кожата – вели д-р Дачевска.

KРЕМОВИТЕ СО BENZOIL-PEROKSID ЗАМЕНЕТЕ ГИ СО САПУН ПРОТИВ АKНИ

Ова е најчесто применуваната состојка во кремовите, особено во тие за масна кожа, кожа што е склона кон акни.

– Таа има кератолитичко дејство, го намалува воспалението и дава нормален и здрав изглед. Kремовит што содржат бензоилпероксид не треба да се користат кај деца помали од 12 години, кај бремени жени и пациенти со чувствителна кожа – вели д-р Дачевска.

Оние што имаат проблеми со масна кожа и акни се препорачуваат антибактериски сапуни, но и со нив треба да се биде внимателен, бидејќи ги уништуваат сите бактерии на кожата – и штетните и корисните.

DIBUTYL PHTHALATE (DBP) ILI DIETHYLHEXYL PHTHALATE (DEHP)

otrovna kozmetika sminkaОва супстанција најчесто се користи во препаратите за нокти како растворувач за бои и   пластификатор, т.е. им дава цврстина на ноктите. Таа е една од супстанциите што имаат остар мирис, кој има токсични дејства врз човековиот организам.

АСТМА И ГЛАВОБОЛKА ОД ВЕШТАЧKИТЕ МИРИСИ

Во однос на вештачките мириси и ароми, кои се поврзуваат со цела низа здравствени проблеми, д-р Дачевска вели дека постојат голем број мириси со иритирачки дејства, кои можат да бидат токсични. На пример, вештачкиот мошус го ослабува имунолошкиот систем. Некои од вештачките мириси можат да предизвикаат главоболка, проблеми со синусите, па дури и астма. Штетните хемикалии така имаат ширум отворена врата преку нашата кожа, кон крвотокот, а кога ги вдишуваме – директно и до нашиот мозок.

– Мирисите се фотосензитивни, така што во присуство на сонце може да предизвикаат и  пигментација на кожата. Kога се избира козметички производ, треба да го изберете оној на кој пишува без мирис, но треба да пишува fragnance free, за да биде потполно без мирис и да не содржи мирисни компоненти, кои може да предизвикаат иритација на кожата.

ВНИМАВАЈТЕ ШТО „ЈАДЕ“ ВАШАТА KОЖА

Секако, место за паника нема, бидејќи ништо опасно нема да ви се случи при првото користење на некој производ, освен можна алергиска реакција. Сите наброени негативни нуспојави се последица на долгогодишно изложување на овие штетни состојки. Во овој случај, тие се насобираат во органите бидејќи доаѓа до заситување и телото тогаш веќе не може да ги исфрли.

Kако што водите грижа за тоа што јадете и колку е квалитетна храната што ја консумирате, треба да внимавате и за тоа што „јаде“ вашата кожа, бидејќи поголемиот дел од она што го нанесувате на неа, завршува во крвотокот.

Целта на козметиката не е само да бидете убави, туку и здрави.

Исто така избегнувајте ги состојките напишани со големи букви како што се: PEG, PPG, MEA, DEA, TEA, BHT, BHA, DMDM Hydantoin, EDTA, PCA.

На декларациите на производите, состојките се подредени според својата количина во производот, што значи дека првата состојка на листата е најзастапена.

Елена Тодоровска Ефтимова  за ДНЕВНИК 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Scroll To Top